Централа: 02 2581 080
Ул.Булевар“Св.Климент Охридски“ Бр.68 Скопје-Центар
komunikacii@mkdsumi.com.mk

Расадниците се основа на секоја стратегија за пошумување и обновување на шумските ресурси. При интензивно стопанисување со шумите се јавува постојана потреба од обнова на исцрпените или оштетени шумски површини. За таа цел, ЈП „Национални шуми“ располага со мрежа од расадници низ целата територија на државата, кои се специјализирани за производство на висококвалитетен саден материјал од иглолисни, широколисни, декоративни и автохтони видови.
Расадниците се сместени на површини кои природно одговараат на потребите за раст и развој на садниот материјал. Притоа се земаат предвид различните макро и микроклиматски услови, орографијата, педолошките и хидролошките карактеристики на теренот. Производниот процес го спроведуваат висококвалификувани и обучени работници, со вклучување и на сезонска работна сила во пиковите на активност.
Методологии на производство
Класичното призводство т.е. садници со гол корен се произведуваат во леи во расадник. Произвотство се изведува со потсејување на семето во сејалиште т.е. во самите леи. Садниците произведени по оваа метода се со старост од две години (2+0) кај иглолисните дрвни видови и една година (1+0) кај листопадните дрвни видови. Кога ќе се постигне саканата возраст се вадат без бусен се пикираат и се дистрибуираат на терен каде што се врши пошумување.
Контејнерската метода претставува современ пристап во кој семето се сее во специјални гајби наполнети со супстрат (најчесто тресет). Овие садници се одгледуваат во контролирани услови – пластеници со оптимална температура, влага и осветлување. Таквиот начин овозможува повисок процент на ртење и добивање на поуедначени, здрави и отпорни садници со старост од 1+0. Бидејќи садниците се засадуваат заедно со супстратот, прифатливоста на терен е значително повисока.
Оваа метода се применува во расадниците во Свети Николе, Куманово, Струмица и Ресен.
Класичната метода подразбира производство на садници со гол корен во отворени леи. Процесот вклучува сеидба на семе во припремени површини (сејалишта), по што садниците растат во природни услови до посакуваната старост – најчесто 2+0 за иглолисни видови и 1+0 за широколисни видови. По нивниот раст, садниците се вадат од земја, се пикираат и се транспортираат до терените за пошумување.
Оваа метода се применува во расадниците во Берово, Делчево, Кавадарци, Радовиш, Кичево, Велес, Демир Хисар, Скопје и Ресен.
Видови и намена
Годишно, во расадниците на ЈП ,,Национални шуми” се произведуваат околу 8.000.000 садници, со семе прибрано од селектирани семенски состојби. Претставени се различни видови дрвја, при што се почитува биолошката разновидност и шумарските потреби на секој регион:
Овие садници наоѓаат примена во:
Рачна и техничка подготовка на садници
Процесот на производство на саден материјал во расадниците на ЈП „Национални шуми“ вклучува и деликатни рачни фази, каде со голема внимателност и стручност се подготвуваат садници за пошумување. Работниците рачно ја полнат подлогата со тресет, ги садат семињата или младите растенија, и вршат контрола врз секој контејнер.
Овие фази се од суштинско значење за квалитетот на посадочниот материјал. Секоја садница што подоцна ќе стане дел од шумски екосистем, започнува како мала фиданка одгледана со рака, трпение и љубов кон природата.
Во контролираните услови на пластениците, садниците добиваат поддршка и нега од стручни тимови, а дел од фотографиите доловуваат токму таа посветеност и човечки фактор во секој чекор од производствениот процес.
Истовремено, расадниците на ЈП „Национални шуми“ располагаат со современа механизација за полевање, сенчести мрежи за заштита од сонце, автоматизирани системи за вентилација и управување со условите во пластениците. Сето ова овозможува максимален растежен потенцијал на секоја садница.
Производството е резултат на долгогодишно искуство, стручно знаење и континуирана едукација на кадарот. Редовната проверка на квалитетот, внимателната селекција на семенски материјал и употребата на современи методи го прават системот на расадници еден од најзначајните сегменти во мисијата за одржливо стопанисување со шумите.
Расадници во составот на ЈП “Национални шуми” имаат следниве подружници:
| Ред. Бр. | Производител на посадочен материјал | Локалитет | Површина Хектари | Надморска височина |
|---|---|---|---|---|
| 1. | ПШС “Бор” – Кавадарци | “Марена” – “Круша” | 10,0 ха | 210 м.н.в. |
| 2. | ПШС “Куманово” – Куманово | Режановске врбе | 4,0 ха | 370 м.н.в. |
| 3. | ПШС “Беласица” – Струмица | Просениково | 3,9 ха | 250 м.н.в. |
| 4. | ПШС “Шумарство” – Свети Николе | Мавровица | 12,0 ха | 260 м.н.в. |
| 5. | ПШС “Преспадрво” – Ресен | Асамати | 0,7 ха | 890 м.н.в. |
| 6. | ПШС “Малешево” – Берово | Брдославица | 2,2 ха | 830 м.н.в. |
| 7. | ПШС “Голак” – Делчево | Делчево (во градот) | 1,2 – 1,5 ха | 600 м.н.в. |
| 8. | ПШС “Плачковица” – Радовиш | Подареш, Плачковица | 8,0 ха | 350 м.н.в. |
| 9. | ПШС “Караџица” – Скопје | Вртешка – Китка | 0,6 – 0,8 ха | 900 м.н.в. |
| 10. | ПШС “Лопушник” – Кичево | Крушино | 0,58 ха | 790 м.н.в. |
| 11. | ПШС “Бабуна” – Велес | Извор | 1,0 ха | 500 м.н.в. |
| 12. | ПШС “Бигла” – Демир Хисар | Сопотница | 5 – 6 ха | 700 м.н.в. |